На 25.11.2025 година, во просториите на Универзитет Скопје, Факултетот за менаџмент на човечки ресурси организираше гостинско предавање на тема „Безбедност и здравје при работа во услови на недостиг на работна сила“, реализирано од страна на м-р Ацо Тодосовски од ТИМ Роботика Скопје. Предавањето се одржа во рамките на наставата по предметот Деловно право, кој го предава проф. д-р Јана Илиева.
Предавањето беше посветено на актуелните предизвици со кои се соочуваат организациите во услови на сè поизразен недостиг на квалификувана работна сила и влијанието што оваа состојба го има врз безбедноста и здравјето на вработените. Студентите имаа можност да се запознаат со современите пристапи за управување со ризици на работното место, законските обврски на работодавачите, како и практични примери од реалниот сектор.
Особен акцент беше ставен на важноста од создавање безбедна работна средина, континуирана обука на вработените и улогата на човечките ресурси во развојот на организациска култура која ги промовира безбедноста, здравјето и благосостојбата на работниците.
Преку интерактивна дискусија и размена на искуства од праксата, студентите добија подлабок увид во значењето на безбедноста при работа како стратешка компонента на современото управување со човечките ресурси.
Предавањето претставуваше одлична можност за поврзување на теоретските знаења со практичните искуства од деловниот сектор и современите предизвици во управувањето со човечкиот капитал.
https://fmcr.utms.edu.mk/vesti/675-gostinsko-predavanje-na-fakultetot-za-menadjment-na-chovechki-resursi-bezbednost-i-zdravje-pri-rabota-vo-uslovi-na-nedostig-na-rabotna-sila#sigProIdaf48bac39b

