На состанокот на придружните членки на UNWTO, кој се одржа, исто така во Истанбул, Универзитетот за туризам и менаџмент - Скопје беше промовиран како носител на проектот за спортски и адреналин туризам, кој ќе се одвива во наредните две години.
Светската туристичка организација на Обединетите Нации (UNWTO) и Министерството за култура и туризам на Турција, беа организатори на глобалниот самит за развој на градскиот туризам, што се одржа од 14.11. до 16.11. 2012-та во Истанбул. Истовремено се одржа и 33-тата пленарна сесија на придружните членки на UNWTO. Делегација на Универзитетот за туризам и менаџмент - Скопје, како дел од придружните членки, предводена од ректорот Проф. д-р Аце Миленковски и деканот на Факултетот за туризам Доц. д-р Сашко Граматниковски, учествуваше и на овие собири на глобалните лидери од областа на туризмот. Иако УТМС е една од поновите членки на UNWTO, веќе е препознатлив и активен учесник во планирањето и реализирањето проекти за идниот развој на туризмот во целина и на некои негови нови сегменти. Таквата укажана доверба не е случајна, туку е резултат на присуството и активното учеството на собирите на UNWTO, како и на личните формални и неформални контакти и разговори, во повеќе наврати, со првите луѓе на UNWTO, кои веќе не се само работни, туку и пријателски. Ваквите релации се од огромна важност и за Македонија, бидејки луѓето од светскиот туризам имаат партнер и во Македонија, засега единствен- УТМС, кој се вклучува во проекти за развој на глобалниот туризам, но и за поефикасен развој на туризмот и во Македонија.
Самит за градски туризам – Проект Smart cities
Проект Smart citiesИстанбул, град на два континента, беше домаќин на креаторите на полотиката за развој на туризмот во светот од сите континенти. Самитот, на кој учествуваа првите луѓе на Светската туристичка организација на Обединетите нации, претставници на придружните членки на оваа организација, меѓу кои и УТМС, владини и невладини делегации, како и бизнисмени и други претставници од туристичката индустрија, беше посветен на развојот и иднината на градскиот, урбаниот туризам.
Доколку е добро планиран, градскиот туризам може да биде поттик за побрз економски и социјален развој на градовите, за подобрување на инфраструктурата, за отворање нови работни места и за стимулирање на локалниот бизнис. Новиот тренд на туристичките дестинации се иновациите, понудата на нови услуги и подигање на квалитетот на понудата. Во тој контекст, концептот на таканаречените "smart cities", паметни градови, е клучен за успехот на градовите како атрактивни туристички дестинации. Градските дестинации треба да ги прифатат промените во глобалниот контекст на туризмот и да ги утврдат своите приоритети за дејстввање и за развој. Ова се дел од поентите кои произлегоа од неколкуте панел дискусии, на кои своите искуства и видувања ги изнесоа, меѓу другите и претставници на Берлин, Њујорк, Лондон, Истанбул и други.
Самитот го отвори претседателот на Унијата на стопански комори и берзата на стоки на Турција, господин Рифат Хисарчиглиоглу, кој говореше за значењето што му се дава на туризмот во Турција, како една од важните гранки за вкупниот економски развој. Градоначалникот на Истанбул, Кадир Топбаш, поздравувајки ги учесниците на самитот, го претстави градот Истанбул како една од главните туристички дестинации и за Западот, но и за Истокот.
Генералниот секретар на Светската туристичка организација на Обединетите нации, UNWTO, господин Талеб Рифаи ги постави насоките за дебата, нагласувајки дека светот постојано се менува и оти во моментов се случуваат револуционерни промени и тоа во областа на информатичката технологија, патувањата и урбанизацијата. Нема место во светот до кое не може да се стигне за два дена, да се најде сместување и некој да ве пречека. Таквата реалност придонесе, во оваа година да биде достигната бројката од милијарда туристи годишно, што е голем потенцијал за подобрување на вкупните економско социјални прилики во државите и за отворање нови работни места. Затоа е потребно градовите да ја развиваат инфраструктурата, да ги подобруваат услугите и да создаваат подобри услови за живот на сопствените граѓани, а со тоа ќе има и подобри услови за странските туристи и ќе станат поатрактивни туристички дестинации. Тој ја нагласи важноста од примената на основните начела за благосостојба како мирот, толеранцијата и почитувањето на човековите права.
Министерот за култура и туризам на Турција, господин Ертугрул Гунај, оцени дека туризмот ќе биде една од главните индустриски гранки, неговата моќ расте и затоа се потребни големи инвестиции во инфраструктурата и во туристичките капацитети. Треба да создаваме помирни и попријателски градови, рече Гунај, најавувајки дека Истанбул во 2020-та година ќе биде град на спортот, односно ќе биде домаќин на повеќе спортски манифестации, кои значително ќе го зголемат бројот на посетители од странство.
Директорката на придружните членки на UNWTO, Јоланда Пердомо, го презентираше повеќе-годишниот проект на оваа организација за развој на градскиот туризам, во кој се вклучени 22 града од сите континенти, истовремено најавувајки дека наредниот самит за градски туризам ќе се одржи во септември 2013-та во Москва.
Како специјален гостин на самитот, свое обраќање имаше и извршниот директор на програмата на Обединетите нации за изградба на домови, (HABITAT), Јоан Клос. Тој го посочи примерот на Барцелона како град кој пред 30 години бил темен индустриски град со невработеност од 22 насто, а кој денес со новата политика за осмислена урбанизација, стана град на туризмот и културата, со една од најниските стапки на невработеност во Шпанија. Но, урбанизацијата мора да се дизајнира, да се осмисли, да се обезбедат квалитетни базични служби кои се предуслов за квалитетен живот во градовите. И господин Клос ја потенцираше важноста на мирот и толеранцијата за развој на туризмот и економскиот прогрес.
Во дебатите доминираше мислењето дека градовите се брендови и на тој начин и треба да се развиваат, но притоа треба да се избегнува, како што беше нагласено, се почестата појава на така-наречена дизнификација на градовите.
На крајот од самитот, со присуство на турскиот министер за култура, градоначалникот на Истанбул и други високи гости, беше организирана гала вечера за учесниците, што беше можност и за делегацијата на УТМС за контакти и разговори, размена на мислења и со другите учесници, како и со претставниците на UNWTO. Во таа прилика, беа доделени и наградите на UNWTO за најдобрите проекти во туризмот во изминатата година.
Пленарна сесија на придружните членки на UNWTO. УТМС промовиран во носител на проект.
Талеб РифаиСостанокот го отвори господин Талеб Рифаи, генерален секретар на UNWTO, со констатацијата дека туризмот денес се соочува со три клучни предизвици кои го онемозвожуваат побрзиот развој и тоа: 1. визната политика, 2. даноците и другите давачки и 3. поврзаноста или трансферите. Тој нагласи дека сите треба да дејствуваат врз сопствените влади за олеснување на визниот режим, за усогласување на даноците и за поефикасно поврзување меѓу различните дестинации во светот.
Претседавачот на комитетот на придружните членки, Георгиос Дракопулос, како модератор на состанокот, ги презентираше стратегиските цели од нацрт работниот план за 2013-та – 2014-та година. Главна цел е да се обезбеди регионална и глобална перспектива, за туризмот да стане приоритет во националните политики на сите земји, да се зголеми соработката меѓу приватниот и јавниот сектор. Во таа насока, треба да се дејствува во зголемувањето на свеста за важноста на туризмот и неговото големо учество во вкупниот економски развој на секоја земја, нагласи Дракопулос. Притоа, големо значење и се дава и на науката, односно на универзитетите кои се членки на UNWTO, бидејки придружните членки, како што беше речено, треба да дејствуваат и како креатори на политиките.
Посебните области на идно дејствување ги презенираше Јоланда Пердомо, директорката на придружните членки, и тоа: 1. Градски туризам, 2. Спортски и адреналин туризам, 3. Туризам за млади и едукација и 4. Интернет апликации. Госпоѓа Пердомо, притоа соопшти дека носител на проектот од областа за спортски туризам ќе биде Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, проект, кој ќе се одвива во 2013-та и 2014-та година. Притоа, во програмата за работата на придружните членки на UNWTO е предвиден Семинар за спортски туризам, кој треба да се одржи во Скопје во 2014-та година, во коорганизација со УТМС. Во оваа област на дејствување, УТМС, како ностител, ќе соработува со програмите на UNWTO за регионална соработка во Европа, Мрежата на знаење, Одржлив развој на туризмот, Туристички трендови и маркетинг стратегии и Менаџмент на дестинации. Ректорот на УТМС, Аце Миленковски, во Истанбул имаше првични консултации и размена на идеи со госпоѓа Јоланда Пердомо околу идните активности во врска со овој, но и за други проекти, а договорено е деталите да бидат утврдени на некоја од наредните средби.
Завршно обраќање на состанокот на придружните членки, имаше извршниот директор Марсио Фавиља, а потоа во Универзитетот Богазичи во Истанбул се одржа симпозиум за мрежата на знаење на UNWTO и за значењето на оваа глобална организација.
УТМС на Самитот во Истанбул
Елита. УТМС дефинитивно се вбројува во светската елита на туристичката индустрија и тоа како во научната, така и во практичната примена на сите активности и идни насоки за дејствување. Потврда е признанието од UNWTO, на овој собир во Истанбул, со доделувањето на раководењето со проектот за спортски туризам. Тоа предвидува и редовни директни контакти и консултации со првите луѓе на UNWTO, околу програмите на оваа организација на Обединетите нации.
Фактор. УТМС станува се позначаен фактор во креирањето на светската политика во туризмот, како на глобално, така и на регионално ниво, а единствен од Македонија кој може да придонесе и влијае во носењето одлуки во рамките на UNWTO.
Соработка. Отвореноста за соработка на УТМС со други слични институции, но и со глобалните светски играчи во оваа област, беше потврдена и на овој собир во Истанбул, каде што делегацијата на УТМС имаше многубројни контакти со учесниците на самитот и сесијата на придружните членки, на кои, по првичните контакти, натаму се отвораат нови можности за идни заеднички активности од меѓусебен интерес.
Пријателство. Собирот во Истанбул беше уште една можност за потврдување на многубројните институционални и лични пријателства со личностите од врвот на светскиот туризам, размена на мислења и потврда на угледот што во изминатите години успеа да го изгради УТМС во светски рамки.
utms-na-svetskiot-samit-za-gradski-turizam-vo-istanbul