Пилот проектот за спортски и адреналин туризам, Ски центар Водно и Матка, предложен од УТМС, започнува со реализација во рамките на придружните членки на UNWTO, како дел од проектите за развој на сегменти од туризмот во повеќе делови од светот.
Членството на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје во придружните членки на Светската туристичка организација на Обединетите Нации (UNWTO), како единствени од Македонија, се ефектуира и низ конкретни резултати, кои ќе бидат од интерес и за вкупниот развој на туризмот во Македонија. Ваков заклучок произлегува од официјална посета на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје, на 26 и 27.02. 2013-та, од страна на висока делегација од Светската туристичка организација на Обединетите Нации, односно од посетата на Извршниот директор на придружните членки на UNWTO, г-ѓа Јолада Пердомо, и г-дин Хозе Гонзалез Ривера, експерт по односи со јавноста и заменик Генерален директор на ПР Агенцијата “Кетчум“. Причина за нивната посета, покрај редовните средби и контакти со УТМС, беше и нивниот интерес за заеднички развој и конкретизирање на проектот за спортски и адреналин туризам, но и подетално запознавање на Република Македонија како туристичка дестинација. Токму затоа, разговорите со Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје, Д-р Аце Миленковски, средбите во Владата на Република Македонија и во Градот Скопје, беа фокусирани, пред се, врз реализацијата на проектот Ски центар Водно и Матка, како и врз другите можности за развој на туризмот во Македонија. Гостите од UNWTO, придружувани од претставници на УТМС ги посетија и локациите на Водно и на Матка и со задоволство и воодушевување го прифатија учеството во овој проект, за што, со ректорот Миленковски го започнаа и планирањето на натамошните конкретни активности, кои ќе се одвиваат низ взаемна соработка меѓу УТМС и UNWTO.
Дочек на гостите од UNWTO и разговори со раководството на УТМС
0105Извршниот директор на придружните членки на UNWTO г-ѓа Јоланда Пердомо и г-динот Хозе Гонзалез Ривера, пред Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, беа пречекани на традиционален македонски начин, по што следуваа разговори на Ректорот на УТМС Д-р Аце Миленковски и Деканот на Факултетот за туризам Д-р Сашко Граматниковски, со делегацијата од UNWTO. На средбата главно беше разговарано за двата потенцијални проекти „Ски Центар Водно“, и „Матка“ , кои ги образложи Ректорот Миленковски, објаснувајки ги потенцијалите на овие локации во согласност со веќе договореното вклучување на некој капацитет од Македонија во проектите на придружните членки на UNWTO. Г-ѓа Пердомо и г-дин Ривера изразија задоволство што се избрани токму овие локации и изнесоа низа предлози во насока на почнување на реализацијата на проектот. Веднаш потоа, во чест на извонредната соработка што УТМС ја има со Светската туристичка организација на Обединетите Нации, во просториите на УТМС, со присуство на целокупниот наставен кадар на Универзитетот, беше одржана свечена седница, на која на Извршната директорка на придружните членки на UNWTO, г-ѓа Јоланда Пердомо и беше доделена титулата DOCTOR HONORIS CAUSA, додека на г-динот Хозе Ривера му беше доделена посебна благодарница.
Работен состанок со градоначалникот на Скопје
24Високите преставници од UNWTO, г-ѓа Јоланда Пердомо и г-дин Хозе Ривера, придружувани од Ректорот на УТМС, Д-р Аце Миленковски и Деканите на Факултетите за туризам и спортски туризам при УТМС, Д-р Сашко Граматниковски и Д-р Сашо Поповски, реализираа средба со Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски и неговиот тим, на која детално беше разговарано за проектот „Ски Центар Водно“. Проект, за кој со посредство на УТМС, како придружна членка на Светската туристичка организација, треба да се промовира потенцијалот на овие локации во светски рамки. Во оваа насока г-ѓа Пердомо, го истакна значењето на реализацијата на овој проект, при што, потенцираше дека ќе преставува референца, модел, за сите идни проекти од ваков вид кои ќе се реализираат во светот под капата на UNWTO. Веднаш по посетата на Градот Скопје, делегациите на Светската туристичка организација и Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје, со жичарницата ја посетија локацијата на Водно, кај Милениумскиот крст, за, на самото место, да се запознаат со потенцијалите на идниот „Ски Центар Водно“.
Средба на г-ѓа Пердомо и г-дин Ривера со раководството на МОК
28Спортскиот и адреналин туризмот, како еден од современите и брзо растечки форми на туризам, како и проектот на УТМС токму за овој вид туристичка понуда, беа главна тема на разговорите на гостите од UNWTO со претставниците на Македонскиот олимписки комитет. Имено, извршната директорка на придружните членки на UNWTO Јоланда Пердомо и експертот за односи со јавност г-дин Хозе Ривера, придружувани од Ректорот на УТМС Д-р Аце Миленковски и Деканот на Факултетот за туризам Д-р Сашко Граматниковски, реализираа средба со претседателот на Македонскиот олимписки комитет Д-р Васил Тупурковски, Генералниот секретар на МОК Д-р Сашо Поповски, кој е и декан на Факултетот за спортски туризам при УТМС, и со спортскиот директот Владимир Богоевски. На средбата претседателот на МОК, Д-р Васил Тупурковски ја престави работата на Олимпискиот комитет во Република Македонија, посочувајќи го особеното значење на соработката што МОК ја има со УТМС, преку кој, како што рече, во иднина ќе се овозможи соработка и со Светката туристичка организација на Обединетите Нации. Претсавниците на МОК искажаа подршка и за развој на проектот Ски центар Водно и Матка и готовност да помогнат во неговата реализација.
Презентација на Матка како дестинација за адреналин туризам
13Покрај „Ски Центарот Водно“, во фокусот на интересот на високата делегација од UNWTO, се разбира, на предлог на УТМС, се најде и рекретивниот центар „Матка“, како потенцијална дестинација, на која треба да се реализира проект за развој на спортскиот туризам, посебно така-наречениот адреналин туризам, кој има се повеќе приврзаници во светот. Токму затоа гостите, на Матка имаа можност да се запознаат со потенцијалите што ги нуди овоа локација, но и со спортските активности што се одвиваат таму и кои можат многу поуспешно да се развиваат, како кајакот на диви води, велосипедизмот, планинарењето, алпинизмот и спелео туризмот. На Г-ѓа Пердомо и г-дин Ривера од страна на специјални водичи им беше презентирана пештерата „Врело“, која, кај нив предизвика голем интерес, особено природните убавини на оваа локација и можностите за развој. Притоа, од претставниците на УТМС, на самото место уште еднаш им беше презентирана идејата за пилот проектот кој ги вклучува Ски центарот Водно и Матка, како голем потенцијал за развој на спортскиот туризам.
Извршната и локалната власт треба да го подржат УТМС во реализацијата на проектот, порака од Пердомо
За што подобра реализација на двата проекти, односно „Ски Центарот Водно“ и „Матка“ , делегацијата на UNWTO, придружуванa од претавниците на УТМС, остварија средба и со претставници на Владата на РМ. Беше разговарано за овие два проекти, за кои претставниците на Светската туристичка организација на Обединетите Нации, г-ѓа Пердомо и г-дин Ривера ја повторија нивната заинтересираност, при што беше потенцирана потребата од што поблиска соработка на локалната и извршната власт со Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје, заради поефикасна реализација на овие проекти, кои ќе се одвиваат под покровителство на придружните членки на UNWTO. На средбата преставниците од Кабинетот на вицепремиерот Пешевски, беа запознати и со работата на Светската туристичка организација на Обединетите нации, изразувајки надеж и готовност за соработка и со надлежните институции во Република Македонија.
Придонесот на туризмот во вкупниот развој во светот - Предавање на г-ѓа Пердомо и г-дин Ривера на УТМС
1106-6Посетата на високите гости од UNWTO, беше ретка прилика и да се слушнат нови идеји и насоки за развојот на туризмот во светот и тоа од едни од најелитните експерти од оваа област. За таа цел беше и организирано предавањето на УТМС. Извршната директорка на придружните членки на Светската туристичка организацијана Обединетите Нации,Јоланда Пердомо, во своето излагање истакна дека 2012 година ќе остане запаметена по тоа што за прв пат бројот на интернационални туристи во светот ја надминал бројката од една милијарда. Се покажа, рече таа, дека туризмот е гранка која и покрај сите економски и политички кризи, но и природни катастрофи, е во постојан пораст. Туризмот ја поттикнува културната интеракција, меѓусебното разбирање и претставува цврста основа за воспоставување на светскиот мир.
Во понатамошното излагање, г-ѓа Пердомо, се осврна врз проекциите на Светската туристичка организација за развој на туризмот до 2030 година, додека г-дин Ривера говореше за влијанието на комуникацијата денес, елаборирајќи го прашањето дали станува збор за еволуција или револуција. Тој исто така се осврна врз влијанието на дигитализацијата при комуницирањето, како и влијанието на социјалните мрежи во пренесувањето на пораките, со особен осврт врз улогата на медиумите и односите со јавноста денес.
Разглед на Скопје и посета на Спомен домот на Мајка Тереза и Музејот на револуционерната борба.
Покрај презентацијата на проектите „Ски Центар Водно“ и „Матка“, преставниците на UNWTO, г-ѓа Јоланда Пердомо и г-дин Хозе Ривера, имаа можност да се запознаат и со културно – историските знаменитости на Скопје, како и со историските факти за Република Македонија. Тие заедно со Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје, Д-р Аце Миленковски најнапред го посетија Домот на Мајка Тереза, при што одблизу се запознаа со животот и делото на оваа голема хуманистка. Исто така во рамките на прошетката низ историјата на Македонија, гостите го посетија и Музејот на револуционерната борба, а имаа и пријатна прошетка низ центарот на Скопје.
На крајот, можеме со задоволство да констатираме дека, во организација на УТМС, успешно беше реализирана една значајна и продуктивна посета на висока делегација од Светската туристичка организација на Обединетите Нации, која ќе биде од повеќекратна корист, не само за УТМС, туку и за Република Македонија. Ова беше уште една потврда дека нашата научно-едукативна работа, дава и конкретни, практични резултати. Меѓународната ангажираност на УТМС и партиципацијата во елитни светски институции од областа на туризмот, како што е UNWTO, не само што придонесува за поуспешно и поефикасно дејствување на УТМС, туку и го свртува вниманието на светската јавност кон Македонија како туристичка дестинација, но и како држава во целина. Подршката од UNWTO за проектот Ски центар Водно и Матка, е потврда и на исправната насока по која се движи УТМС, а која и според оценките на гостите од UNWTO, треба да ја добие подршката и од централната и локалната власт во Македонија, како и од сите други заинтересирани во вклучување на овој глобален проект со кој дестинација од Македонија се става на светската туристичка мапа.
visoka-delegacija-na-unwto-na-pokana-od-utms-vo-poseta-na-makedonija