СТУДЕНТИТЕ СО НИЗА ПРАШАЊА ВРЗАНИ ЗА ПАТОТ НА МАКЕДОНИЈА КОН ЕУ.
Во насока на реализација на активностите од потпишаниот меморандум за соработка помеѓу Секретаријатот за европски прашања и Универзитетите во Република Македонија, во просториите на СЕИ, се одржа средба на потпретседателот задолжен за евроинтеграција Д-р Фатмир Бесими и европратеникот и известувач за Република Македонија Ричард Ховит, со студенти преставници на неколку Универзитети од земјава.
Целта на оваа средба беше известувачот за Република Македонија во европскиот парламент, господинот Ховит да поразговара со студентите од земјава на теми кои се однесуваат на нашата интеграција во Европската Унија, и секако да одговори на прашањата кои особено ги интересира младата интелегенција во земјава.
На средбата свое присуство имаа и триесеттина студенти од Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, кои активно се вклучија во дебатата за евроинтегративниот процес на нашава земја, истовремено поставувајќи му прашања од повеќе теми на гостинот од европскиот Парламент. Се разбира централно место во прашањата на студентите од УТМС завзеде темата за олеснувањата што студентите или воопшто младите лица можат или веќе ги имаат во земјите на Европската Унија, но и оние другите прашања, кои се врзани за напредокот на нашата земја во речиси сите сегменти од општественото живеење. Меѓу останатото студентите на Универзитетот за туризам и менаџмент бараа одговори од европратеникот Ховит за почитувањето на човековите права во земјите на Унијата, потоа за реформите во економскиот сектор, пристапот до европските фондови како и за обврските што нашата земја ги превзема за што побрз влез во европското семејство.
Европратеникот Ричард Ховит задолжен за мониторирање на нашава земја, одговараше опширно на сите прашања од присутните студенти, истовремено осврнувајќи се и на актуелните теми како слободата на медиумите, потоа дијалогот меѓу владата и новинарите, претстојните претседателски избори, како и за посетата на шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос на нашава земја за која како што рече е можност да се направи прогрес по прашањето за спорот за името. „Не знам каква ќе биде иднината на Европската Унија, но, ве уверувам дека нема да бидете граѓани од втор ред“ им порача на студентите известувачот за Македонија во Европарламентот, Ричард Ховит. Вели дека има притисоци ова општество да ги направи потребните промени за да се овозможи земјата да стане полноправна членка на унијата. Тој посакува да се најде решение за името и смета дека прашањето може да се реши и покрај актуелната атмосфера во Македонија и Грција.
studentite-od-utms-na-sredba-so-ricard-hovit