Во рамките на долгогодишната практика на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, согласно годишната програма на Факултетот за претприемачки бизнис на 05.12.2017 година, гостин предавач од практиката беше г-дин Јован Грков, основач и сопственик на компанијата „Урбан Инвест”. Г-дин Јован Грков е добитник на титулата почесен доктор на науки на УТМС за посебен придонес во бизнисот и преприемништвото во Р. Македонија. Тој пред вработените, студентите на УТМС и гостите – ученици од СГГУГС „Здравко Цветковски” говореше на тема „Предизвиците за основање и водење на сопствен бизнис“. Во своето предавање г-дин Грков ги елаборираше сите клучни претприемачки аспекти за создавање успешен бизнис со фокус на континуираното истражување на пазарот, сегментација на пазарот, идентификација на желбите на купувачите, постојано иновирање и креирање на производи кои ќе ги задоволуваат потребите на купувачите. Тој ги образложи предизвиците за создавање на конкурентни и квалитетни производи за домашниот и странскиот пазар, неопходноста од претприемачки компетенции, вештини и знаења, способност за преземање на ризик за развој и реализација на сопствените идеи, но и континуирана обука, синергија и тимска работа.
Во таа насока, тој го сподели со студентите своето лично, професионално и практично искуство, потенцирајќи ја потребата од визија, желба и амбиција при креирањето на успешен претприемачки бизнис.
Студентите имаа можност да го надополнат нивното теоретско знаење од областа на менаџментот, бизнисот и претприемаштвото кое го стекнуваат во рамките на наставата со практичен пример на семеен бизнис „Урбан Инвест”, кој со својата диверзифицирана производствена програма, високо едуциран кадар, новата софистицирана технологија и високо развиениот еколошки и социјален бизнис пристап е еден од главните учесници во индустријата за градежни материјали во Македонија и на околните пазари.
https://fmcr.utms.edu.mk/vesti/412-gostin-predavach-na-utms-g-din-jovan-grkov-pochesen-doktor-na-nauki-na-utms-sopstvenik-na-kompanijata-urban-invest#sigProId781b59e890