На 1 октомври 2026 година се одржа седница на Одборот за соработка и доверба со јавноста на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси при Универзитет Скопје. На седницата, со која претседаваше м-р Ангела Шенгуловска, Претседател на Одборот, беа разгледани активностите по повод 20-годишнината на Универзитетот, Годишната програма за академската 2026/2027 година и можностите за понатамошна соработка со стопанството.
Проф. д-р Јана Илиева ги претстави јубилејните настани планирани за 10 и 11 октомври, вклучувајќи ги меѓународната конференција, свечената академија и промоцијата на дипломците. Таа ги покани членовите на Одборот да присуствуваат на одбележувањето на јубилејот како дел од тимот на Универзитетот.
Деканот на Факултетот, проф. д-р Александра Стоилковска, ја презентираше финалната верзија на Годишната програма, во која се вклучени и предлозите на членовите на Одборот. Посебно внимание беше посветено на студиската програма, обновената литература, студентската пракса и наставно-истражувачката дејност.
Во рамки на дискусијата беа претставени планираните гостински предавања, посетите на компании и сектори за човечки ресурси, наставно-научните практикуми и мобилностите преку Еразмус+. Членовите на Одборот беа повикани да се вклучат со дополнителни предавања и практични искуства што ќе го збогатат образованието на студентите.
Дарко Петровски ја најави 18-тата годишна меѓународна конференција за човечки ресурси на МАЧР, која ќе се одржи на 21 октомври во хотел „Холидеј Ин“, како и дигиталната платформа JENZ, наменета за поврзување на заедницата за човечки ресурси. Воедно, тој предложи вклучување на еден до двајца студенти како волонтери во организацијата на конференцијата.

